Двајцата поранешни директори на Онкологија, медицинскиот Нино Васев и организацискиот Нехат Нухиу од 2017 до 2022 набавувале лекови без тендери и без одобрение на Фондот за здравство и лековите ги земале на реверс, при што е направена штета од 1.817.570.000 денари или околу 30 милиони евра со што тие се сомничат за 7 кривични дела кои се однесуваат на 7 набавки на лекови. Тие заедно со тројца доктори онколози препишувале терапија над потребната доза на пациентите дури и до 8 виали или ампули со што создавале вишок на лекови. Имало и случаи кога била препишувана многу скапа терапија за пациенти кои биле во краен стадиум и кога се знаело дека веќе нема помош од лекови за болниот. Со ова тие правеле вишоци на лекови, но каде завршувале овие лекови за сега се уште не е откриено. Водена е истрага и за тоа дали завршувале на црниот пазар на Косово каде нема докази за такво нешто, а се чекаат информации и од колегите од Албанија. Обвинителите Гаврил Бубевски и Ана Гоговска Јакимовска кои го водат овој случај велат дека нема докази дека пациентите примале физиолошки раствор наместо терапија како што претходно се тврдеше.
„Станува збор за кривично дело измама во службата, ова кривично дело е за двајцата директори за организацискиот и за медицинскиот директор а за тројцата доктори онколози е за помагање во извршување на предметното кривично дело, со тоа што за тогашниот медицински директор имаме и 7 кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување“, вели Ана Гоговска Јакимовска.
Обвинителството доставиле до Кривичниот суд барање за определување мерки за двајцата директори.
„Од страна на Јавното обвинителство до Основниот Кривичен суд, судија на претходна постапка поднесен е предлог за определување мерки на претпазливост за медицинскиот и за организацискиот директор. Мерките опфаќаат забрана за напуштање на живеалиште и престојувалиште, одземање на патна исправа и забрана за нејзино издавање, а за тогашниот медицински директор дополнително е побарано и мерка за отстранување од работно место“, порача Ана Гоговска Јакимовска.
Обвинителката Јакимовска рече и дека за овој случај кој го отворија во септември минатата година биле преземени голем број дејствија и имаат обемна документација. Најавија и дека истрагата ќе се прошири.
