„Безбеден град“ со нова апликација за странски возачи – ќе можат да ги проверуваат и плаќаат казните онлајн

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека е ставена во функција веб апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, која во оваа фаза е наменета за странските државјани, односно за сопствениците и возачите на возила со странски регистарски таблички.

Преку апликацијата странските државјани ќе можат едноставно и директно да добијат информации за сообраќајните прекршоци евидентирани со системот „Безбеден град“, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози, како и да ги подмират глобите по електронски пат.

При логирањето, потребно е возачот да ја слика или скенира својата патната исправа  и да ја внесе регистрацијата на возилото или возилата кои тој ги користи во нашата држава.

На овој начин, странските возачи кои со своите возила ќе бидат евидентирани дека сториле сообраќаен прекршок на територијата на целата држава, ќе можат навремено и едноставно да се информираат и да ја регулираат својата обврска, без потреба од дополнително задржување на граничните премини.

Воведувањето на апликацијата претставува значаен чекор во дигитализацијата на услугите поврзани со системот „Безбеден град“.

Министерството за внатрешни работи продолжува со унапредување на дигиталните услуги, а во следните фази се предвидува проширување на функционалностите и за други категории корисници.