Водата претставува стратешки ресурс чија заштита и одржливо управување се од суштинско значење за економскиот развој, безбедноста на храната, заштитата на животната средина и благосостојбата на граѓаните. Ова беше една од клучните пораки од заедничката 7. сесија на Работната група 5 – Животна средина (Поглавје 27) и 14. сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11), што денеска се одржа во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, истакна дека управувањето со водните ресурси мора да биде поставено високо на агендата на националните политики.
„Климатските промени веќе имаат директно влијание врз земјоделското производство и достапноста на водата. Затоа е неопходно да инвестираме во модерни системи за наводнување, подобро планирање и поефикасно користење на водните ресурси, следејќи ги европските стандарди и добри практики“, рече Трипуновски, нагласувајќи дека тоа за Владата е стратешка цел и веќе инвестира во изградба на стабилен систем за наводнување преку градење на нови и реконструкција на постојните брани и хидросистеми.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, посочи дека климатските ризици бараат нов пристап во управувањето со водите.
„Безбедноста на водата повеќе не е само еколошко прашање, туку прашање на развој, економска конкурентност, безбедност и јавно здравје. Затоа е неопходен интегриран систем за управување со водите и подобра координација меѓу институциите, засилена примена на европското законодавство и долгорочни политики засновани врз научни податоци и реални потреби“, истакна Хоџа.
Водата е јасен пример дека современите предизвици не можат да се третираат изолирано, бидејќи водата е бесценет ресурс и нашата заедничка одговорност е да ја зачуваме за наредните генерации, заклучи Хоџа.
Амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, ја нагласи важноста на регионалната и европската соработка во справувањето со климатските предизвици.
„Искуствата на земјите членки покажуваат дека интегрираното управување со водите носи конкретни придобивки за животната средина, земјоделството и локалниот развој. Европската Унија останува силен партнер на Северна Македонија во процесот на усогласување со европските политики и стандарди“, рече Хрицова.
