Фон дер Лајен бара решение помеѓу Скопје и Софија – нов чекор за деблокада на европскиот пат на Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пристигна под засилени безбедносни мерки на средба со премиерот Христијан Мицкоски, кои одржаа состанок зад затворени врати.

По половина час разговори, излегоа пред медиумите, каде што фон дер Лајен побара решение меѓу Скопје и Софија. Таа рече дека бараните реформи се направени, но за да продолжи пристапувањето кон ЕУ, Македонија треба да ги затвори отворените прашања со Бугарија.

„Во моментот кога ќе ја одблокираме ситуацијата овде, а мое лично мислење е дека можеме да бидеме побрзи со Северна Македонија, затоа што сега поинтензивно работиме на реформите кои се неопходни. Сè уште има работа, но импресивно е она што го направивте. Сега да се фокусираме на одблокирање на ситуацијата за потоа да можеме да дојдеме со патоказ во Северна Македонија.“, порача фон дер Лајен.

Таа истакна дека преговорите за членство започнаа во 2022 година, додека процесот на скрининг заврши за помалку од една година, додавајќи дека сега останува клучниот чекор неопходен за отворање на првиот кластер „Темели“. Таа испрати порака и во однос на македонскиот идентитет и јазик.

„Ние ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата.“, вели Урсула фон дер Лајен

Во врска со односите со Бугарија, Мицкоски рече дека очекуваат и ЕУ да биде вклучена во овој процес за да помогне да се најде европско решение. Тој истакна дека Македонија бара процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила.

„Од претседателката добив совет и следната недела, нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија ќе биде во Софија поради Коридорот 8 и проектите што ги развиваме во рамките на тој Коридор 8. Да побараме од домаќинот билатерална средба! Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара термин за средба со неговата колешка и да почнеме некако да го придвижуваме процесот.“, рече Мицкоски.

Со посетата на Скопје, фон дер Лајен ја завршува турнејата низ земјите од Западен Балкан. Во изминатите денови таа ги посети Албанија, Косово и Црна Гора. Шефицата на Европската комисија овојпат ги заобиколи Србија и Босна и Херцеговина поради претстојните избори во овие две земји.

Европската Унија развива акциски планови, според кои четирите земји кои се најблиску до членство ќе добијат јасен и детален пат кон членството. Во овој план не е вклучена Македонија.