Во седиштето на СДСМ, Платформата „Разговори за иднината 12.05“ ги достави предлозите за структурни реформи на партијата. Предлозите се доставени утрово до партиската архива и тоа лично од Игор Ивановски, Славјанка Петровска и Коста Начевски, а е адресирано до претседателот на партијата Венко Филипче. Во соопштението наведуваат дека очекуваат раководството на партијата да ги разгледа и во разумен рок да преземе конкретни чекори. Прво што предлагаат меѓу доставените мерки е оставка на Филипче.
„Неодложна и неотповиклива твоја оставка од функцијата претседател на СДСМ.
Итен избор на интегритетна, кредибилна, непристрасна и независна од актуелното партиско раководство работна група со извршен мандат на определено време која ќе подготви план за санација и темелни внатрешни реформи во најкус разумен рок.
Ревизија на изборот и мандатниот статус на актуелните делегати на Конгресот.
Одржување вонреден конгрес за усвојување на неопходни статутарни измени.
Организирање фер, слободни и демократски внатрепартиски избори“.
Од СДСМ објавија дека го добиле документот доставен од внатрепартиската иницијатива притоа нарекувајќи ја Платформа ЗНАМ2.0. Од партијата обвинуваат дека зад сето ова стојат лични и бизнис интереси поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, а дека Филипче има легитимитет од 18.000 членови на партијата кој не може да биде оспорен од група од 17 потписници.
„Порака до платформашите, шемаџиите, ЗНАМ 2.0 и другарите од анти-НАТО, анти-ЕУ и руската партија Левица. Партијата не е на продажба. СДСМ не се предава на аванс. За нас, СДСМ не вреди само 1,6 милиони евра, како за вас. Ние сме за Европа, за вистина и правда. Слободата на говорот, слободата на медиумите, демократијата, европскиот пат и иднината на нашата Македонија нема цена“, вели СДСМ.
Вчера и претседателот на СДСМ Венко Филипче иницијативата ја нарече мала група пучисти која, како што рече, веќе една година работи против партијата преку ширење невистини и клевети.
