Од 1 јануари 2026 година цената на струјата ќе биде повисока за 2,45 отсто во првиот блок, за 2,87 отсто во вториот блок, за 3,32 отсто во третиот и за 3,84 проценти во четвртиот блок, додека евтината тарифа ќе се покачи за 2,5 отсто, соопшти денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Тој посочи дека поскапувањето за 85 отсто од домаќинствата ќе биде за 2,28 отсто или за 57-70 денари на просечната сметка за домаќинствата во првиот блок.
-За 63,86 отсто од домаќинствата или 517 400 кои имаат потрошувачка само во прв блок и во евтина тарифа зголемувањето на месечната сметка е 2,28 проценти. За 20,97 проценти или 169 900 домаќинства кои имаат потрошувачка во прв и втор блок зголемувањето на месечната сметка е 2,59 отсто. За 1,73 отсто или 14 000 домаќинства кои имаат потрошувачка во прв, втор и трет блок зголемувањето на месечната сметка е 2,79 отсто или 370 денари и за 0,55 отсто или 4 400 домаќинства во прв, втор, трет и четврти блок кои се вкупно 4 400 или 0,55 отсто, зголемувањето на месечната сметка е 3,22 процента или околу 900 денари, информира Бислимовски.
Тој напомена дека и покрај претходното намалување на мрежарината за 4,96 отсто, надоместокот од 200 денари останува дел од сметките и нема да биде укинат.
Во однос на евтината тарифа, ЕВН Хоме предложи зголемување за 3,96 отсто, додека РКЕ одлучи да се корегира за 2,50 проценти.
