Излезноста на вонредните парламентарни избори во Србија е значително повисока во споредба со претходните избори во 2023 година, покажуваат податоците на Центарот за слободни избори и демократија (CeSID) и агенцијата „Ипсос“.
Според нивните проценки, засновани на примерок од 94,8 отсто, до 11 часот на гласање излегле 27,3 отсто од запишаните избирачи. За споредба, на парламентарните избори одржани на 17 декември 2023 година, до истиот час гласале 15,1 отсто од избирачкото тело.
Податоците на Републичката изборна комисија (РИК) покажуваат дека до 10 часот излезноста достигнала 19,72 отсто. Организацијата CRTA, пак, за истиот период регистрирала излезност од 19,8 отсто.
И овие бројки се повисоки во однос на претходните парламентарни избори, кога до 10 часот гласале 9,94 отсто од избирачите. Конечната излезност на изборите во декември 2023 година изнесувала 58,77 отсто.
Разлики во излезноста се забележуваат и меѓу регионите во Србија. Според директорот на Републичкиот завод за статистика, Бранко Јосиповиќ, до 10 часот во Војводина гласале 23,62 отсто од избирачите, во Белград 20,46 отсто, во Југоисточна Србија 17,4 отсто, а во Шумадија и Западна Србија 17,08 отсто.
Во Србија денеска се одржуваат вонредни парламентарни избори, на кои граѓаните избираат меѓу 18 изборни листи. Во текот на изборниот ден, РИК, CeSID, „Ипсос“ и CRTA објавуваат податоци за излезноста, додека првичните проценки укажуваат на поголем одѕив во споредба со претходното гласање.
