Ребалансот на буџетот пред пратениците на Комисијата за финансирање и буџет. Вкупните приходи се планирани на ниво од 318 милијарди и 150 милиони денари и бележат зголемување за 8 милијарди и 22 милиони денари, а расходите на ниво од 362 милијарди 816 милиони денари при што се зголемуваат за 19 милијарди 178 милиони денари. Министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска со измените на буџетот се обезбедуваат средства за се она што било предвидено со закон а немало планирани средства.
„Со ребалансот се обезбедуваат средства да се сервисираат сите обврски. Ваквиот одговорен пристап што го применивме резултира во Буџетот со промени на приходната страна, расходната страна, како и буџетскиот дефицит. Се обидовме и направивме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата кои што стоеја еискористени од се она што претставува несуштински расход и успеавме водејќи се од напорите за фискална консолидација да најдеме заштеди од 20 милијарди денари“, вели Гордана Димитриоска Кочоска.
Од опозициската СДСМ најавија дека ќе поднесат амандмани на ребалансот. Фатмир Битиќи рече дека не се точни обвинувањата од власта дека не сме оставиле пари во буџетот, затоа што не може да се префрла од празно во празно. Во однос на ребалансот тој истакна дека наместо фискална консолидација има тотална фискална деструкција.
„Со нарушување на буџетското правило за дефицитот и неговото зголемување од 3,4% на 4,9% од Бруто домашниот производ и зголемувањето на јавниот долг од 58% на 68%, во најава е Франкенштајн економија, во која различни и често контрадикторни економски политики преку ребалансот се соединуваат во една нефункционална и разорна целина. Се ребалансот економијата ќе биде претворена во чудовиште составено од разнородни и неприродно споени политики“, вели Фатмир Битиќи.
Реакции за намалувањето на буџетот во судството со кој се минусираат повеќе од милион евра имаше од Судскиот буџетски совет, како и од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски од каде рекоа дека тоа ќе се одрази на работењето и ефикасноста на судството. На предлог измените на буџетот за 2024 пратениците поднесоа 58 амандмани кои треба да бидат разгледани најмногу за 10 дена.
