Најмалку 27 ученици, повеќето помлади од 13 години, и еден наставник загинаа при уривање на покрив на училиште за време на наставата во северозападниот пакистански град Пешавар, соопштија властите, предупредувајќи дека бројот на жртви може да се зголеми.
Телевизиските снимки покажаа како амбулантни возила пристигнуваат на местото на несреќата во приватното училиште „Ал-Каир Едукејшн Центар“, додека спасувачите извлекуваа повредени и раскрвавени ученици од урнатините.
„Извлековме најмалку 45 деца“, изјави Ифтихар Кан, окружен службеник за итни случаи, додавајќи дека има информации оти уште неколку деца се затрупани под урнатините.
Спасувачките екипи работеле на извлекување на телата и транспорт на повредените во болница, изјави владиниот претставник Билал Фаизи.
Дваесет повредени лица и повеќето од загинатите биле пренесени во градската болница „Лејди Ридинг“, соопшти нејзиниот портпарол Мохамад Асим.
Претставник на спасувачките служби изјави дека таванот се урнал врз учениците откако попуштил покривот на повисокиот кат, при што биле срушени двете нивоа на зградата.
Властите соопштија дека е наредена истрага за да се утврди причината за несреќата.
Началникот на полицијата во Пешавар изјави дека стравува оти бројот на жртви може да се зголеми, бидејќи од вкупно 110 ученици кои во тој момент се наоѓале во три училници, досега биле спасени само 47.
„Станува збор за слаба градежна конструкција“, рече Саид. „Покривот бил преоптоварен со дополнителна градба врз слабата конструкција, што довело до уривањето.“ Претставниците на училиштето засега не дадоа коментар.
