Битката за минималецот – политички мегдан за рушење на ССМ, минималната плата од март ќе порасне 1.800 денари, нема шанси за 500 евра?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минималната плата од март ќе се зголеми за околу 1.800 денари и ќе изнесува 24.400 денари, односно онолку колку што е законското усогласување. Владата се изјасни дека не прифаќа да ги субвенционира придонесите за минималецот да порасне на 500 евра. Синдикатот се закани со штрајк. А битка за минималната плата доби друга димензија- се претвори во мегдан за политичка војна чиј е Синдикатот, но и за рушење на кредибилитетот на Сојузот на Синдикатите на Македонија.

Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ со остри напади-тврдат сите барања на ССМ се политички и ги следат тезите на СДС.

„ССМ веќе нема кредибилитет, СДС потврдија дека го координираат синдикатот. Слободан Трендафилов е лице кое и должи на СДС за незаконското поставување на позицијата претседател на ССМ. Слободан Трендафилов, подолг период не ги одразува идеите и потребите на работниците, туку на СДС. ВМРО-ДПМНЕ обелодени дека Трендафилов бил на состаноци со СДС и дека е во постојан дослух со нив и со Левица, а СДС излезе и призна.“, вели Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Со обвинувања излезе и екс лидерот на ССМ Живко Митревски, кој беше на чело на ССМ во времето на поранешниот премиер Никола Груевски. Бара Владаат да ги прекине преговорите со ССМ, тврди дека првиот човек на Синдикатот, Слободан Трендафилов е нелегитимен.

„Најновите сознанија кои што ги добивме во однос на нелегитимноста на Слободан Трендафилов, повторно се потврдува тезата дека истиот фалсификувал документи, во смисла на тоа што лажно се претставувал како лице овластено за претставување и застапување, потпишувал документи за свикување на Конгрес на кој наводно бил избран, делегати кои што не можеле да бидат делегати“, рече Митревски.

Опозициската СДСМ пак со контраобвинувања. Велат стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е напаѓај, лажи, оцрнувај – само да не покачиш плата! Тие поднесоа предлог до Собрание, за минималец од 500 евра.

„ВМРО-ДПМНЕ нема пари за повисока минимална плата, но има пари за луксуз, папаја, манго, приватни авиони, тендери и привилегии. И кога треба да изберат – да ги зголемат платите или да ги полнат своите џебови – тие секогаш избираат да се богатат па затоа мора да лажат и да бараат виновник на друго место. Наместо чесно да објаснат зошто не сакаат да ја зголемат минималната плата, тие ја измислија новата стратегија: да го оцрнат синдикатот и да го прогласат за „партиски“ на СДСМ“, велат од СДСМ.

Првиот човек на ССМ пак само кратко на својот Фејсбук напиша:

„Почитувани политичари! Не сум Ваш (на ВМРО-ДПМНЕ), ама не сум ни нивен (на СДСМ, Левица и ДУИ)! Со почит,Слободан Трендафилов, претседател на ССМ и еден од 600.000 работници“, напиша Трендафилов.

И додека траат препукувањата во моментов голем проблем е и законското усогласување на минималната плата што треба да се случи до 25 март. Тоа виси бидејќи Владата ги повлече членовите од Комисијата за утврдување на репрезентативност на синдикатите, со што во ЕСС во моментов нема синдикалци. Односно законски не може да се даде Заклучок за износот на минималецот. Првиот човек на ССМ, Трендафилов обвини за упад во синдикалните организации.