Минимална плата – ССМ: 6.000 денари повеќе или штрајк

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Сојузот на синдикати на Македонија побара од владата или од Собранието зголемување на минималната плата за 6.000 денари. Ова зголемување би било по законското усогласување кое треба да се направи до крајот на месецов и кое би изнесувало некаде околу 1.800 денари. Најавија штрајк ако не се прифати барањето.

„Пратениците имаат можност да испаднат на нивото на задачата и на место да земаат по 2.500 евра патни трошоци, да гласаат за платите на работниците и да се зголемат за најмалку стотина евра со ослободување на плаќањето на придонесите. Денеска дојде време да бирате дали сте за или против работниците. Вашето бирање дали сте за или против работниците, значи во кој правец Сојузот  на синдикати на Македонија во понатамошниот период ќе ја креира политиката.“, вели Слободан Трендафилов.

Предлогот на ССМ е да не наплаќа придонеси за овие 6.000 денари до една година. Сметаат дека на нивна страна е тоа што Владата во буџетот за 2025 година веќе ги има пресметано дополнителните придонеси, па ослободувањето од плаќање или субвенционирање нема да се одрази на приходите во државната каса.

Ставот пак на Министерството за економија и труд е дека се зависи од меѓусебен договор на две од трите страни во Економско социјалниот совет (ЕСС).

„Министерството за економија и труд и Владата во рамки на Економско социјалниот совет ќе ги остави синдикатите и работодавачите сами да се договорат за минималната плата. Секое решение кое ќе биде донесено и усогласено и во согласност со фискалните можности на Буџетот ќе биде поддржано од нас.“ , велат од Министерството.

Сепак, во моментов голем проблем е и законското усогласување на минималната плата што треба да се случи до 25 март. Ова усогласување виси оти Владата ги повлече членовите од Комисијата за утврдување на репрезентативност на синдикатите, со што во ЕСС во моментов нема синдикалци и затоа законски не може да се даде Заклучок за износот за усогласување. Трендафилов обвини за упад во синдикалните организации.

„Денеска за жал, работниците можеби немаат толку голем проблем со владата и со работодавачите колку што имаат проблем со некои синдикалци, кои работат на нивна штета, работат минималната плата да не се зголеми, работат да не се добие репрезентативността и работат за да направат упади во синдикални организации, особено на локално ниво и во некои министерства, мислејќи дека на таков начин со коленичење пред функционерите или во функционерските кабинети ќе постигнат нешто, а на штета на работниците. Од коленичење болат само колениците.“, вели Слободан Трендафилов.

Ако се сака да се запази законскиот рок за усогласување, Владата во наредниве десетина дена треба да делегира членови во Комисијата која ја утврдува репрезентативноста.