Булеварот Благој Тоска во близина на касарната во Тетово започна да се гради неколку дена пред почетокот на изборната кампања, односно на 19 февруари. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами тогаш рече дека булеварот ќе биде завршен за околу 3 месеци.
„Денеска сме овде за да видиме како течат работите и реализацијата на овој проект кој ќе заврши за не подолго од три месеци“, вели Биљал Касами.
Во меѓувреме во договорот за реализација на работите на овој булевар, во член 6 се вели дека рокот на договорот е 3 години.
Бидејќи компанијата не ги завршила градежните работи во предвидениот рок, Касами вели дека ќе следат санкции.
„Секако дека ќе има санкции. Ние кога го одредивме рокот тоа беше во рамки на динамиката што ја претстави компанијата. Ние не сакавме да го проблематизираме ова прашање пред изборите но секако дека секое доцнење треба да има и реперкусии“, додаде Биљал Касами.
Инаку овој булевар е со должина од 450 метри. Како што се гледа на сегашните снимки, еден дел се уште не е отворен а овие денови не се работи на местото.
