Се ветува 20 години. На него интензивно се работеше една година, а се уште не е готов! Ова е судбината на 420-метарскиот булевар „Благоја Тоска“ во Тетово. Претседателот на Советот на општината Бесар Дурмиши вели дека денеска имал средба со претставници на „ТАВ Македонија“ и градежната компанија и тврди дека работата ќе заврши до крајот на месецот.
-Утрово заедно со градоначалникот на општината и компанијата што ги изведува работите и претставници од ТАВ и се договоривме дека многу брзо во временска рамка во овој месец, евентуално доколку има неповолни климатски услови може да трае уште еден месец, доколку нема на крајот на месецов се ќе биде готово и ќе биде пуштен во употреба овој месец-вели Дурмиши.
Според Дурмиши, причина за доцнењето на работите биле климатските услови и пречките од сопствениците кои имале земјиште на овој булевар.
-Проблемот беа климатските услови, знаеме дека имаше дожд, имаше проблем и со страните иако беше завршена експропријацијата, тие излегоа на терен и ја спречија компанијата да ги изврши работите при што ние како општинска институција, бевме принудени да побараме од секторот за внатрешни работи да побараат од партиите продолжување на работите на приватната компанија-вели Дурмиши.
Потсетуваме дека градоначалникот на Тетово на 18 јуни 2022 година вети дека работите ќе завршат есента истата година.
„Го спомнав некаде во договорот што го постигнавме со компанијата некаде есента септември октомври оваа улица треба да биде во служба на граѓаните.“, рече Касами.
За експропријација за овој булевар се потрошени околу 50 милиони денари, додека за изградба се потрошени 45 милиони денари. Должината е 420 метри, додека ширината е 21 метар.
