„Блокирана“ спомен-плочата на мајка Тереза, Асани и Шилегов со меѓусебни обвинувања

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зеленилото кое го засади Град Скопје во центарот на градот го попречи пристапот до спомен-плочата на куќата на Мајка Тереза. Оваа плоча ја претставува куќата во која се родила и 18 години живеела светицата и хуманистката позната во целиот свет, но сепак, туристите не можат да положат ниту цвеќе, ниту пак да се фотографираат за да ги одбележат важните датуми поврзани со Мајка Тереза.

-Доколку сакате да ја фотографирате спомен плочата на куќата на Мајка Тереза, ќе треба да го поминете зеленилото каде е засадена трева-јавува репортерот на ТВ21.

Реагираат од Институтот за културно и духовно наследство на Албанците во Македонија. Директорот Скендер Асани, вели дека и покрај гласините околу тоа дали е тука или не домот на Мајка Тереза, фактите говорат дека ова е нејзин белег.

-Независно од гласините, сите факти говорат дека тука била куќата во која таа се родила. Затоа ова место веќе неколку години се сметаше за белег на куќата на Гонџе Бојаџиу-Мајка Тереза и стана место за аџилак на љубителите на нејзината личност. Но, еве сега, со една одлука, која не знаеме како е донесена, кога е донесена и од кого е донесена, овој парк ги покри трагите на куќата на Мајка Тереза-вели Асани.

Од Институтот велат дека реакцијата писмено ќе ја испратат до Град Скопје, Парламентот, Претседателот и Владата на РСМ. Бараат спомен-плочата да се замени и да биде испишана и на албански јазик, бидејќи на постоечката фигурираат само англискиот и македонскиот.

Зеленилото е засадено од Град Скопје. Вчера, првиот човек Петре Шилегов, не сакаше да се произнесе, велејќи дека в среда ќе ги разјасни дилемите околу ова прашање.

Денеска, беше прашан конкретно за реакцијата на Асани, но Шилегов врати со остри критики.

Во 2015 година, парцелата каде што е куќата на Мајка Тереза ѝ беше дадена на приватната компанија „Амадеус Груп“, за да го изгради трговскиот комплекс познат како „Шпански скали“. Но, по бројните реакции во јавноста, и со оглед на тоа што компанијата доцнеше со градежните работи, дозволата беше укината, па затоа изградбата не ни започна.