Со зголемувањето на бројот на заразени со Ковид-19, се полнат и болничките капацитети со хоспитализирани пациенти. Заменик-министерот за здравство, Илир Хасани, синоќа во „Клик Плус“, рече дека состојбата во болниците е под контрола, освен во Куманово и Прилеп каде капацитетите веќе се полни.
„Од тој момент почнавме да ги истакнуваме сериозните точки околу тоа колку имаме празни болнички капацитети. Денеска беше кажано дека само во Куманово и Прилеп болничките капацитети се пополнети, а кои се предвидени за заразените пациенти со Ковид-19. Во останатите болници состојбата е под контрола“, посочи Илир Хасани.
Ковид-19 наметна нови правила на живот, вели епидемиологот Љуљзиме Бајрами. Како што вели, не се знае уште колку ќе потрае пандемијата.
„Нема одредена граница. До кога ќе трае пандемијата не знае ниту светот, ниту ние. Мерките мора да се почитуваат. Треба да се оди на училиште запазувајќи го протоколот. Колку време ќе потрае ова не знае да каже ниту Светската здравствена организација“, истакна Љуљзиме Бајрами.
Инфектологот Фадиљ Цана, рече дека сѐ уште има луѓе кои пандемијата не ја сметаат за глобална криза.
„Се гледа дека за жал пандемијата не се сфаќа како невидена глобална криза. Поради оваа пандемија многу земји воведоа рестрикции во однос на движењето на народот, со цел да се спречи ширењето на СарсКов2 и преоптоварувањето на здравствените системи“, додаде Фадиљ Цана.
Секој пациент кој ќе влезе во операциона сала, мора претходно да има направено тест за коронавирус, објаснува Алберт Леши од Лекарската комора.
„Имавме неколку случаи на нашите клиники кога тукушто почнавме да ги отвораме клиниките за пациентите – од 7 примени асимптоматичните пациенти, 4 излегоа позитивни, а сега по протокол секој пациент кој влегува во операциона сала мора претходно да биде тестиран“, порача Алберт Леши.
Инаку, соговорниците беа сложни дека вработените на Инфективна клиника се физички и психички изморени, а Цана не ја исклучи можноста да останеме и без медицински персонал.
