Најавата за доделување бонуси на одредени вработени во државната администрација предизвика бура од реакции во јавноста дека се работи за предизборен поткуп или наместо на пожарникарите или здравствените работници власта дава пари на административците кои седеа дома. Го прашавме министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шакири зошто Владата се одлучи да дели бонуси пред изборен период?
„Процесот на донесување на Законот за извршување на Буџет беше почнат пред некои два месеца, не сега пред изборите. Но парламентарните постапки и владините постапки поминаа во оваа фаза, а овој процес нема врска со изборниот процес. Не ја гледаме јавната администрација во врска со политичките процеси или предизборните кампањи“, рече Шакири.
Претседателката на Антикорупциска комисија вели дека ова е груб поткуп на администрацијата. Иако немаат начини по кои би покренале постапка за ова, сепак велат дека тоа ќе биде нотирано и во нивниот годишен Извештај.
„Ништо не е конкретно дефинирано, кој, колку и за што ќе земе пари. Ако овие пари се доделуваат заради настанатите состојби со Ковид ситуацијата или не знам со пожарите и така натаму, во Буџетот има и планирана ставка за резерви, кои што се точно наменети за вакви состојби, зошто не се користат тие пари, зошто ова мора да оди преку бонуси? Од друга страна, ако видите кои се ќе бидат корисници, дека се всушност така да кажеме сите министерства тука, ние ова го сметаме како влијание врз администрацијата, односно како системски поткуп на јавната администрација.“, рече Билјана Ивановска.
И покрај тоа што администрацијата за време на мерките за кризата со Корона вирусот најголемиот дел седеа и работеа од дома Шакири вели дека ова ќе значи оценување и наградување на оние кои што се истакнале во нивната работа.
„Еве јас во Министерството за информатичко општество, побарав, сите што имаат дадено придонес за работа и се надевам дека од слободните средства од Буџетот, зошто, некоја институција ги нема реализирано, некоја институција ги има реализирано само еден процент. И не значи дека доставување на закони за вработени во јавниот сектор и административни службениците кои ќе бидат во Владата во месец септември или октомври и после изборите дека имаат врска со процесот“, рече Шакири.
Реагираше и претседателот на СОНК Јаким Неделков дека се врши селективно наградување.
„Членовите на СОНК разочарани од двојниот аршин на државата. Се исплаќаат бонуси во јавната администрација заради зголемен обем на работа во период на пандемијата. Ако некој имаше зголемен обем на работа, тоа се наставниците. Срамота, буџетски пари има за се и сешто, дури и за селективен К-15, само за во образованието, науката и културата нема пари.“, вели Неделков.
Владата на седницата одржана на 5 август, ден пред распишувањето на изборите, донесе одлука за еднократна награда на вработените во министерствата и владините служби од 30 проценти од основната плата, и тоа по два основа зголемен обем на работа и вреднување на нивната успешност.
