Репрезентативецот Висар Муслиу смета дека Македонија мора да одигра тимски доколку сака да се спротивстави на Швајцарија, која според него поседува квалитет на секоја позиција.
„Швајцарија не е само офанзивно силна репрезентација, имаат квалитет од голман до шпиц. Не може да говориме само за одбрана, затоа што ќе ни биде потребна тимска игра од напаѓач па до голман“, изјави Муслиу.
Тој посочи дека сите играчи мора да придонесат во дефанзивниот сегмент и да покажат поголема борбеност на теренот.
„Се наоѓаме во тешка ситуација, нема резултати, а сите ги очекуваа затоа што го навикнавме народот со добрите резултати. Мора да ставиме прст на глава, да видиме што правиме и како се однесуваме кон дресот“, рече Муслиу.
Според него, Лигата Б носи поквалитетни противници, како од тимски, така и од индивидуален аспект, но Македонија не смее однапред да се откаже од својата игра.
„Лигата Б се знае дека е поквалитетна и од тимски план и од индивидуален план. Но, мора нешто да покажеме. Не смее само противникот да се прашува“, порача репрезентативецот.
Муслиу признава дека ситуацијата во репрезентацијата не е лесна, особено по серијата без победа и без постигнат гол. Сепак, тој вели дека сите фудбалери во соблекувалната се свесни за моменталната состојба и мора да направат чекор напред.
„Сите играчи знаат во каква ситуација сме, но можеби не е доволно она што го правиме од наша страна. Но, убеден сум дека сите што сме во соблекувална знаеме за каква ситуација се зборува. Мора да направиме нешто за да бидеме подобри“, истакна Муслиу.
Репрезентативецот се осврна и на критиките од јавноста, посочувајќи дека фудбалерите се луѓе и дека во тешки моменти им е потребна поддршка.
„Ние сме луѓе, имаме емоции. Кога оди добро и никој ништо не кажува, нема голема работа. Но, кога има толку навреди кон некого, не е убаво. Знаеме што се случува, не сме наивни, но сега ни е најмногу потребна поддршката“, изјави Муслиу.
Тој порача дека критиките се составен дел од спортот, но дека не треба да преминуваат одредена граница.
„Не е исто и за нас што немаме победа и гол, но мора да гледаме напред. Ние нормално, секој очекува поддршка, но и критиките имаат една граница. Да не оди преку тоа“, рече Муслиу.
Муслиу верува дека репрезентацијата може да се врати на позитивните резултати во следниот период.
„Чекаме поддршка на секој меч и сакаме секој да верува во нас. Како што имавме добри резултати порано, можеме и на наредните натпревари, во квалификации, во Лига на нации, да бидеме подобри“, додаде Муслиу.
