Борел: Да забрзаме, ЕУ не е целосна без Балканот, Бујар Османи незадоволен од правилата, бара промени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Европа нема да биде целосна без земјите од Балканот како дел од семејството“, порача еврокомесарот за надворешна политика Жозеп Борел на трибина посветена на проширувањето на ЕУ, во организација на австриската дипломатија. Според Борел, ниту една европска држава не може да ги надмине актуелните светски предизвици сама.

„Проширувањето има успешна историја и што се однесува до проширувањето, ќе продолжи да биде успешна приказна. Проблемот е што предолго беше одолговлекувано и сега мораме да забрзаме“, изјави Жозеп Борел, еврокомесар за надворешна политика.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи истакна дека оваа група на пријатели на Западниот Балкан мора да се зголеми со директните соседи на земјите од регионот, бидејќи, како што вели, блокадите за европерспективата доаѓаат токму од нив. Османи истакна дека е чудно што една земја-членка може да стави вето за отворањето на преговарачките поглавја на земјите-кандидати и побара во иднина за ова да се одлучува со мнозинство, а не како досега – едногласно.

„За самото членство може да се задржи едногласноста, бидејќи и дава доверба на Европската Унија, но отворањето поглавја и достигнувањето одредници треба да биде прашање на квалификувано мнозинство“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи.

Албанскиот министер за надворешни работи Игли Хасани очекува проширувањето да биде приоритет на идното претседавање со Унијата, кое од први јули го презема Унгарија. Според Хасани, билатералните прашања мора да се решаваат одвоено од процесот на проширувањето.

„Немаме време за губење и се надевам дека за неколку месеци ќе имаме шанса да ја одржиме Втората меѓувладина конференција“, изјави Игли Хасани, министер за надворешни работи на Албанија.

Домаќинот, шефот на австриската дипломатија, Александар Шаленберг потенцира дека неговата земја ќе продолжи да биде најголем поддржувач на регионот и нагласи дека Унијата во моментов не може да се фокусира единствено на евроинтегративниот пат на Украина и Молдавија.