Брисел 2023 како Букурешт 2008 – Ковачевски: И тогаш и сега ВМРО-ДПМНЕ го блокира патот кон ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И додека во Украина и Молдавија се слави исходот од Брисел, македонските власти се вратија во земјава по очекуваното разочарување дека  и натаму остануваме да тапкаме во место на патот кон членство во Европската унија, откако не беше исполнет условот за уставни измени.  Но што понатаму? Премиерот Ковачевски вели дека и покрај закочувањето на преговорите, сепак ЕУ и натаму ја држи вратата подотворена за нас и дека по усвојувањето на уставните амандмани ќе биде свикана втората Меѓувладина конференција за отворање на поглавјата од преговорите. За запирањето на евроинтеграцискиот процес Ковачевски повтори дека виновна е ВМРО-ДПМНЕ со блокирањето на уставните измени и дека практично нам ни се повтори Букурешт од 2008 година.

„Заклучок кристално јасен и од кој што заклучок многу јасно се гледа дека на нас во Брисел ни се повтори 2008 година, Букурешт, односно, дека истата политичка партија го блокираше патот на Северна Македонија во евроинтеграциските процеси уште еднаш. Блокадата во евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија има име и презиме. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ“, вели Димитар Ковачевски.

И покрај се, тој е убеден дека до 2030 ќе станеме членка на Европската унија.

„Овој процес нема да заврши. Процесот на амандманите во Собранието е започнат и јас сум убеден дека Северна Македонија има политичка сила и има луѓе со визија кои што таа одлука ќе ја донесат и по отворањето на поглавјата до 2030 година ќе станеме земја членка на Европската унија“, додаде Димитар Ковачевски.

Но потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вчерашното интервју во емисијата Клик плус на ТВ21 тврди дека неизгласувањето на уставните промени не се причината за непочнувањето на преговорите, туку високиот криминал и корупција во власта. Не е Бугарија во прашање, рече Николовски, тоа се гледа и по фактот со преговорите на Украина и Молдавија  земји која едната е во војна а другата е со недефинирана територија.

„Неколку големи главни градови на европски земји сметаат дека Македонија не е подготвена за почеток со преговори пред се заради високото ниво на корупцијата и владеењето на правото, и доколку се убедени дека Македонија заслужува почеток на преговори со Европската унија, проблемот со Бугарија ќе го решат за едно претпладне или едно попладне“, вели Александар Николоски.

Николоски рече и дека изминатиот период во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ многу дипломати доаѓале за да ги убедуваат да гласаат за уставните измени, но тие не прифатиле. Во меѓувреме и натаму не престанува дипломатската офанзива кон најголемата опозициска партија. Во средата германскиот канцелар Олаф Шолц на седницата на европскиот парламент ја повика германската опозициска ЦДУ да влијае на сестринската партија ВМРО-ДПМНЕ и да ја убедат да гласа за уставните измени.