ЕУ со 4 милиони евра ја поддржува хармонизацијата на законодавството, Хоџа: Го унапредуваме системот за квалитет на воздухот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се обрати на завршниот настан на проектот SMILE, реализиран со поддршка на ЕУ преку ИПА II програмата, чија цел е унапредување на системот за управување со квалитетот на воздухот.

Во рамки на проектот се подготвени нацрт на новиот Закон за квалитет на амбиентниот воздух, осум нови подзаконски акти, како и национални планови за квалитетот на воздухот и контрола на загадувањето за периодите 2027–2031 и 2027–2037 година.

Хоџа истакна дека борбата против загадувањето бара системски пристап, сигурни податоци и координирано дејствување на сите надлежни институции.

„Нашата одговорност е податоците и законските решенија да ги преточиме во поефикасни политики и подобар квалитет на воздухот. Продолжуваме да работиме на системски решенија што ќе придонесат за заштита на здравјето на граѓаните и почиста животна средина“, порача министерот Хоџа.

Проектот придонесе и за унапредување на мониторингот на загадувањето, подобрување на инвентарите на емисии и јакнење на институционалните капацитети.

„Целта е законодавството на Северна Македонија да се усогласи со постојните стандарди на Европската Унија. Овој проект е финансиран со околу четири милиони евра преку ИПА, Инструментот за претпристапна помош. Тој веќе ги постави темелите за законодавниот процес, кој треба да помине во Парламентот, односно во Собранието на Северна Македонија. Секако, ова бара високо ниво на координација меѓу министерствата, особено Министерството за земјоделство, Министерството за транспорт и Министерството за животна средина, со цел да се усогласат сите неопходни елементи за подобрување на квалитетот на воздухот во целата земја. Ова е многу важна инвестиција во здравјето на граѓаните“, изјави на настанот амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.