Британската полиција ја претресува поранешната вила на Ендру Маунтбатен-Виндзор, помладиот брат на кралот Чарлс III, како дел од истрагата за наводна злоупотреба на јавна функција и испраќање доверливи владини документи до осудениот финансиер Џефри Епштајн, објави Ројтерс.
Маунтбатен-Виндзор беше уапсен во четврток, на неговиот 66-ти роденден, под сомнение дека додека служел како специјален претставник на британската влада за трговија и инвестиции, му испраќал на Епштајн доверливи извештаи, вклучувајќи информации за инвестициските можности во Авганистан и проценки на Виетнам, Сингапур и други земји што ги посетил во службена должност.
Тој претходно негираше какво било кривично дело во врска со Епштајн, кој почина во затвор во Њујорк во 2019 година во смрт прогласена за самоубиство. Маунтбатен-Виндзор призна дека се кае за нивното пријателство.
Британската полиција, вклучително и полицијата во долината Темза, ја претресоа фармата Вуд на кралскиот имот Сандрингам во источна Англија, каде што моментално живее Маунтбатен-Виндзор, како и неговата поранешна резиденција во Виндзор. Истрагата е во тек и може да трае со месеци, во соработка со британската влада и Бакингемската палата.
Кралот Чарлс изјави дека ја примил веста за апсењето со „најдлабока загриженост“, нагласувајќи дека „законот мора да си го продолжи својот тек“ и дека властите ќе спроведат целосна и фер истрага.
Џулијан Пејн, поранешен шеф за комуникации на кралот Чарлс, кој сега работи за Еделман, рече дека одговорот на кралот ја покажува неговата решеност да се справи со случајот транспарентно и во согласност со законот.
Полицијата истражува и други обвинувања против Маунтбатен-Виндзор, вклучувајќи ги и обвинувањата од организацијата Република, која тврди дека тој бил вмешан во трговијата со жена донесена во Велика Британија во 2010 година.
Дополнително, во 2022 година, Маунтбатен-Виндзор постигна вонсудска спогодба во граѓанска тужба поднесена од Вирџинија Џуфре, која го обвини за сексуален напад кога таа била малолетничка. Тој ги негира обвинувањата и тврди дека никогаш не ја запознал.
Апсењето на висок член на британското кралско семејство е без преседан во модерната британска историја. Доколку биде осуден за злоупотреба на јавна функција, Маунтбатен-Виндзор се соочува со максимална казна доживотен затвор.
