Британскиот сој на вирусот се шири брзо – Филипче: Кон крајот на месецов почнува масовната имунизација на населението

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Британскиот сој на Ковид-19 рапидно се шири. Според министерот за здравство, Венко Филипче, за два дена од 20% заразени, резултатите покажале дека оваа бројка е зголемена на 50%. Додава дека според направените анализи има благо зголемување на бројот на заразени со коронавирус, но нема потреба од уште поголеми рестрикции во однос на анти-ковид мерките.

Од почетокот на процесот на имунизација, во земјава се вакцинирани околу 700 лекари и медицински сестри од ковид-болниците, а според очекувањата на ресорниот министер, до крајот на месецот ќе пристигнат и останатите вакцини, со што ќе започне масовна вакцинација на населението.

Во моментов вакцинацијата се врши на 6 пункта, во две смени од 8 до 20 часот, од понеделник до сабота. Медицинскиот персонал ја прима само првата доза од вакцината „Фајзер“, а втората ќе треба да ја примат по 21 ден. Меѓу другото, Филипче изјави дека ќе биде направена проценка дали треба да се набават и соодветни количини од руската вакцина Спутник 5  против Ковид-19.