Бројот на загинати во земјотресите во Венецуела надмина 900, се интензивира потрагата по стотици затрупани

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Спасувачките тимовии и жителите на Венецуела во петокот се тркаа очајнички со времето во обидите да пронајдат преживеани, додека бројот на жртви од двата силни земјотреси се искачи над 900, а странската помош и спасувачки екипи почнаа да пристигнуваат во разурнатите области речиси два дена по потресите.

Владата соопшти дека 172 лица остануваат затрупани, 920 загинале, а 3.360 се повредени откако земјотресите во средата вечерта уништија делови од Каракас и околните региони. Повеќе од 50.000 луѓе се водат како исчезнати.

Земјата повторно се затресе во петокот попладне со послаб земјотрес од 4,9 степени, кој беше почувствуван во главниот град Каракас и во блискиот град Маракај.

Истовремено, расте незадоволството поради нерамномерното темпо на помошта во некои од најтешко погодените области, вклучително и државата Ла Гуаира, каде жителите и волонтерите и натаму рачно расчистуваа урнатини поради недостиг од тешка механизација и ограничено присуство на институциите, јави Ројтерс.

Џенифер Паласиос (25) изјави дека нејзиниот шестгодишен син и уште пет членови од семејството остануваат затрупани во станбениот комплекс „Уго Чавез“ со осум кули во градот Ла Гуаира. „Заедницата е таа што успеа живи да извлече луѓе. Потребни ни се кранови за да ги подигнеме бетонските плочи. Сè уште има луѓе заробени“, рече таа.

Странските спасувачки тимови – вклучително и од земји кои долго време биле во лоши односи со Венецуела – почнаа да пристигнуваат доцна во четвртокот и во текот на петокот.

Привремената претседателка Делси Родригез телефонски разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп и државниот секретар Марко Рубио. Претходно таа и други претставници се сретнаа со Северната команда на американската армија и експерти за справување со катастрофи. САД соопштија дека мобилизираат 150 милиони долари помош и привремено ги олеснуваат санкциите, додека американската војска испрати два брода, а хеликоптери и авиони ќе учествуваат во спасувачките операции.

Катастрофата би можела да има и политички последици за претседателката Родригез, која се обидува да се претстави како носител на политички промени, иако претходно беше потпретседателка на соборениот Николас Мадуро. Земјотресите ја погодија земјата која веќе е ослабена од децении економски и политички превирања што доведоа до сиромаштија, масовно иселување и деградирана инфраструктура.

Земјотресите, од кои еден со магнитуда од 7,2 степени, проследен со потрес од 7,5 степени, го погодија подрачјето во близина на малото место Сан Фелипе, западно од Каракас, на 24 јуни 2026 година. Според извештај на Обединетите нации, директната штета од двата земјотреси се проценува на околу 6,7 милијарди долари. Вториот потрес е најсилниот во Венецуела во повеќе од еден век.

Американскиот геолошки институт процени дека бројот на жртви би можел да надмине 10.000, што би ја направило оваа катастрофа еден од најсмртоносните земјотреси во Латинска Америка во изминатиот век.

Според агенцијата на ОН за миграција, речиси 7 милиони луѓе би можеле да бидат погодени, додека организацијата обезбедува итно засолниште и друга хуманитарна помош.