Иако резултатите по изборите во Бугарија се уште се нејасни, претседателот на партијата Има таков народ шоуменот Слави Трифонов не само што најави формирање на Влада, туку го претстави и владиниот кабинет во кој Трифонов нема функција.
По неуспешниот обид да се формира влада по изборите пред 3 месеци, сега за иден премиер го најави Николај Василев, за министер за надворешни работи Ради Најденов, а побрза да ја претстави и владината програма. Во првиот настап на Трифонов, тој со подбив не нарече Северномакедонци.
„Ќе поднесеме барање за членство на Бугарија во Европската вселенска агенција, затоа што само Бугарија не членува таму. Ќе направиме се што е можно да испратиме маж и жена кои ќе бидат првите бугарски астронаути во НАСА. Ќе направиме се што е можно, кон нив да се приклучи и еден северомакедонски астронаут“, истакна Слави Трифонов.
Но и покрај ваквите најави сепак, повторно неофицијално, доаѓаат информации за сепак, тесно водство на ГЕРБ на Бојко Борисов. Според бугарските медиуми коалицијата ГЕРБ – СДС води во 14 области односно со 23,91 процент пред партијата на Трифонов кој е прв во 8 области во Бугарија или со 23.66 проценти, во кој има голем број гласови од дијаспората. Борисов вчера обвини и за голем број нерегуларности, особено во дијаспората.
„Венецуелски избори, според Мадуро. Тотален хаос во земјата, а во странство е кражба на векот. Влегуваат специјалци ги допираат машините, никој не ги знае кои се“, истакна Бојко Борисов.
Според првичните неофицијални резултати Бугарија повторно е исправена пред предизвикот како да формира Влада. Трифунов најмногу може да добие 60 мандати во 240-членото бугарско Народно собрание што е далеку под потребното мнозинство, особено поради фактот што тој излезе со изјава дека нема да коалицира. Партијата на Каракачанов ВМРО-БНД, кој кампањата ја водеше со провокативни спотови за Македонија и на овие избори изгуби и не успеа да влезе со ниту еден пратеник. Македонските власти испратија порака дека очекуваат во Бугарија наскоро да биде формирана политичка влада и стабилно парламентарно мнозинство со надеж дека преговорите ќе продолжат а со тоа и ветото ќе биде тргнато до крајот на годинава. Сепак сигналите кои доаѓаат од бугарска страна се дека какви и да бидат резултатите, позициите на официјална Софија нема да се сменат.
