Името на шефот на дипломатијата, Бујар Османи, од Демократската унија за интеграција го предложиле како функционер кој може да ја напушти Владата, за, како што дознава ТВ21, на негово место да дојде некој предложен од т.н. „Огнена група“ – незадоволните лица во ДУИ кои вчера до претседателот Али Ахмети испратија барања за измени.
Овој предлог, кој се чини дека е обид за да се смират внатрепартиските тензии, до „Огнената група“ е испратен преку посредник, кој е актуелен министер, но ТВ21 дознава дека незадоволните од ДУИ, главно ограноците Чаир и Сарај, не ја прифатиле оваа идеја со образложение дека целта не е само промена на Бујар Османи, туку на Артан Груби и други министри, работи што тие всушност ги напишаа во нивното вчерашно писмо.
Во писмото со незадоволство и барања, кое на крајот го потпишаа Изет Меџити, Невзат Бејта, Муса Џафери, Блерим Беџети, Висар Ганиу, двајца пратеници и други партиски личности, пишуваше дека „принудени се да го покренат нивниот глас и реагираат за да го вратат она што со душа го создале, Демократската унија за интеграција, на позицијата како што се развивала 18 години, добро организирана и добро структурирана“.
Во писмото наведуваат дека речиси две години во ДУИ не постојат и не се формирани статутарни партиски тела, дека политичките одлуки станале сопственост на поединци, дека нема дебата и консултации со партиските бази и дека „кадровските избори се претворија во привилегии на поединецот Артан Груби“.
Во други точки, исто така, се констатира дека речиси две години нема одговорност за работата на Владата и политичката програма, дека има пад на поддршката и дека „арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвикало незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“.
По овие констатации, таканаречената „огнена група“ бара политичка дебата внатре во партијата за надминување на оваа состојба, одговорност и отчетност од носителите на извршната власт, апелираат да престане политичката „војна“ внатре во партијата, повикуваат членството и структурите на партиските членови да се ангажираат за избегнување на овие појави и ситуации, а на самиот крај бараат од претседателот Али Ахмети „да го искористи своето политичко и статутарно овластување за изнаоѓање решение за зачувување на партиското единство“.
Запрашан за ова Ахмети денеска порача дека ДУИ може да функционира и без него како претседател, но може да функционира и без Меџити, Џафери и Беџети, бидејќи како што истакна „ДУИ има воспоставено стабилни структури“./ТВ21