Бројни политички реакции се појавија по ревизијата на проектот за делницата Требеништа – Ќафасан. Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, изјави дека поместувањето на овој автопат, направено наводно по препораки на УНЕСКО, не ја загрозува ниту природната средина ниту културното наследство, туку според него претставува продолжение на политика со која Охрид се поврзува со Битола и Прилеп, додека се запира проектот што го поврзува Јадранското со Црното Море – стратешка инфраструктура и за НАТО и за економскиот развој на земјата.
„Ова е менталитет и логика на Никола Груевски и тоа што се случува денес не е ништо друго освен продолжение на таа логика! Тогаш Никола Груевски со ДУИ, а денес Мицкоски продолжува со истата политичка мисла за да се девиира еден толку важен коридор.“, вели Зијадин Села.
Од ДУИ велат дека одлуката на владата да не продолжи проектот за автопатот Струга–Ќафасан, криејќи се зад „барањата на УНЕСКО“, претставува неприфатливо оправдување и намерно избегнување одговорност. Според нив, УНЕСКО се користи како изговор за да се прикрие политичка одлука за прекин на стратешки коридор.
„Проблемот не е технички. Тој е политички. ВЛЕН е дел од владата и носи директна одговорност. Во проект што директно ја засега врската со Албанија и интересот на Албанците, немаше ниту став, ниту противење, ниту реакција. Да се користи УНЕСКО како покритие за прекин на стратешки врски е неприфатливо. Да се биде во влада и тоа да се прифати без збор е политичко предавство.“, вели ДУИ.
Од коалицијата ВЛЕН, Коридорот 8 го оценуваат како проект од особено стратешко значење за државата и регионот. Според нив, работите се одвиваат со видлив напредок на делниците каде се исполнети законските и техничките услови.
„Во однос на делницата Требеништа – Ќафасан, треба да се истакне дека во почетната фаза на проектирање не било побарано мислење од УНЕСКО, иако станува збор за чувствително подрачје. Институциите работат во координација со УНЕСКО за да се најде најсоодветно решение, без да се загрозат меѓународните стандарди и статусот на подрачјето. Поврзувањето Струга – Ќафасан ќе се реализира, како дел од нашата посветеност за целосно инфраструктурно поврзување со Албанија.“, вели ВЛЕН.
Од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека промената на проектот за оваа делница е последица на тоа што претходната власт на СДСМ и ДУИ не побарала мислење од УНЕСКО, при што, според нив, биле направени бројни пропусти.
