Бурни реакции по интервенцијата на МВР – Спасовски: Во Вевчани не се случи ништо спектакуларно

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бурни реакции во јавноста за интервенцијата на полицијата за време на карневалот во Вевчани. Иако немаше официјална организација, сепак голем број на Вевчанци, со нивните маски, традиционално на Василица излегоа низ улиците да го одбележат традиционалниот карневал. Поради донесените мерки во насока на заштита и спречување на ширењето на коронавирусот, за забрана на групирања, МВР мораше да интевенира. Беше присутвна и единицата за брзо распоредување. Иако имаше реакции од јавноста, но и од опозицијата, сепак министерот Спасовски вели дека ништо спекталуларно во Вевчани не се случило. Како што вели тој, припадниците на МВР само постапувале според наредбите и протоколите кои се воведени по донесените забрани за групирања.

„Ништо спектакуларно не се случи на Вевчанскиот карневал. Ние разговаравме со Одделот за превенција кај нас да не се организира масовно присуство. Тие наши заложби и договори не беа испочитувани. Како и да е, таму се случи една состојба во која што од политички причини некој сакаше да предизвика инцидент или сензација во јавноста.“, рече Спасовски.

Меѓутоа, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ интервенцијата на полицијата и растурањето на, како што велат, вековниот карневал, е скандалозно.

„Растурањето на карневал во Вевчани од страна на Оливер Спасовски беше крајно лицемерно. Не држи вода никакво оправдување да тепаш маскирани учесници во карневал, особено не во Вевчанскиот карневал, а да молчиш за фештите кои што ги правеа функционерите на СДСМ во Штип, на забавите среде Скопје во локалите на луѓе блиски до власта, за роденденските прослави во институциите, за десетици други примери на прекршувања и на собири.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Веднаш по интервенцијата на полицијата, од СВР Охрид пристигна соопштение во кое се вели дека покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани околу одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, поголема група на граѓани се собрале во Вевчани, без почитување на мерките односно со недозволено групирање поради што мораше да интервенира полицијата. Од таму воедно порачаа дека по документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Претходно, василичарските друштва Горна и Долна маала од Вевчани се откажаа од организација на Вевчанскиот карневал, кој традиционално речиси 15 века се одржува на 13 јануари. Одлуката ја донеле со цел заштита на населението од ширење на коронавирусот.