Бројни реакции во јавноста предизвика листата со имиња на затвореници за кои е побарано помилување. Јавноста најмногу ја иритираше името на Бобан Илиќ кој беше осуден за убиството на Алмир Алиу. Денеска Министерството за правда ги повлече предлозите за помилување на Бобан Илиќ, Александар Василевски – Нинџа и Сеат Кочан и неколкумина други затвореници. Министерот за правда, Бојан Маричиќ изјави дека листата е вратена назад на дополнително разгледување.
Маричиќ се оправдува себеси велејќи дека листата била составена од директорите на затворите во земјава за лица кои формално ги исполниле критериумите за помилување или намалување на казната , а објаснува дека Министерството за правда не може да ја смени листата бидејќи има улога само да ја проследи до Претседателот.
Од кабинетот на Претседателот соопштија дека состанокот што бил свикан денеска во Комисијата за помилување, е откажан и ќе биде свикан тогаш кога ќе има конечна листа од Министерството за правда.
„Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување“. Јавноста како и секогаш ќе ја информираме веднаш кога ќе се донесат одлуките”, велат од Кабинетот на претседателот.
Претседателот на државата врз основа на неговите надлежности секоја година има право да помилува или да амнестира неколку затвореници кои ги исполниле условите за намалување или амнестија од затворската казна.
