Метеж и непрописно паркирани возила. Ова е секојдневната слика во дворот на Универзитетскиот клинички центар. Граѓаните се жалат. Велат дека губат многу време додека да најдат место за паркирање.
-Не, едвај. Еден час возев горе-доле.
-Дали ова претставува проблем и за вашите термини?
-Секако, платив 100 денари, а се шеткав еден час горе-доле. Хаос, земаат пари, а нема паркинг места.
Министерот за здравство, Беким Сали вели дека со цел подобрување на организацијата за паркирањето, ќе ја поскапат услугата, односно цената за возилата кои немаат потреба да влегуваат во некоја од клиниките. Ова, како што вели, е поради тоа што на паркингот се создава голема гужва, бидејќи паркираат и граѓани кои излегле да завршат некоја приватна обврска во овој дел од градот. Инаку, движењето на пациентите низ дворот на клиниката ќе се врши со електрични возила, објаснува ресорниот министер.
-Не сакам да избрзувам со промовирањето, но внатрешните линии би биле организирани, ова би било наше барање како министерство, со електрични возила или возила кои се отворени за движење на пациентите во рамките на Клиничкиот центар. Ова значи дека влегувањето на автомобилите кои немаат потреба да влегуваат во болница ќе чини повеќе отколку што е во моментов, бидејќи нашите податоци укажуваат и на злоупотреба на цената на овој паркинг-рече Сали.
Овој проект ќе почне да се спроведува од следната година, бидејќи во април истекува договорот на Градски паркинг-Скопје.
Според јавно достапните податоци на ЈП „Градски паркинг“, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ има вкупно 533 паркинг места кои им се на располагање на граѓаните. Цената е 25 денари за час, а последната реконструкција на целокупната сообраќајна инфраструктура е направена во 2020 година, кога на местото на поранешната Клиника за гинекологија беше отворен дополнителен паркинг простор со капацитет за 150 возила. Потоа беше реконструиран и паркингот кај Клиниката за хирургија.
