Честитка од Сиљановска-Давкова за 23 Мај – Националниот ден на Власите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до припадниците на влашката заедница по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, истакнувајќи го нивниот историски, културен и општествен придонес во државата.

Во честитката, Сиљановска-Давкова наведува дека Власите припаѓаат на древна духовна лоза на балкански народи, чиј опстанок низ историјата бил зачуван преку јазикот, традицијата и свеста за сопствениот идентитет.

„Во влашкиот јазик, традиција и култура се вткаени вековната истрајност, силното чувство на припадност и духовното достоинство“, се наведува во честитката, при што претседателката посочува дека влашкиот народ успеал да го зачува својот национален интегритет и дигнитет и во тешки времиња исполнети со војни, страдања и преселби.

Таа нагласува дека државата треба да се гордее што е единствена во која Власите се уставен етнички ентитет, рамноправен со другите заедници и еднаков во уживањето на индивидуалните и колективните права.

Според претседателката, тоа претставува потврда за демократската зрелост на македонскиот политички систем и за инклузивноста на македонското општество кон сите заедници.

Сиљановска-Давкова во пораката истакнува и дека Власите со својот сестран општествен придонес оставиле и продолжуваат да оставаат значаен белег во државата.

„Нека е честит 23 Мај, Националниот ден на Власите! Вечен да е!“, стои во честитката на претседателката.