Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по повод празникот Рамазан Бајрам упати телеграма со честитки до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед.
„Ви го честитам големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам на Вас, на членовите на Исламската верска заедница и на сите граѓани кои го чествуваат празникот, во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име. Во период кога целиот свет се соочува со тешки искушенија, и годинава Светиот месец Рамазан, најблагородниот и најсреќниот месец за вас граѓаните од исламската вероисповед, го славиме во поинакви услови со ограничувањата кои ги донесе пандемијата на коронавирусот КОВИД-19. Во овие тешки мигови за човештвото, светите празници како што е Рамазан Бајрам, носат надеж за нов почеток и ја поттикнуваат вербата на луѓето во доброто, вистината и правдата. Крајот на постот и благодетите стекнати за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, нека ве украсат со дух на трпение, несебичноста и дарежливоста. Да се соочиме со предизвиците, кои ги носи оваа глобална здравствено-економска криза, водени од желба за меѓусебна почит, разбирање и солидарност, а даровите на празникот споделете ги со вашите семејства, роднини, пријатели и соседи“, посочува премиерот Заев.
Нека празничните мигови Ви поминат во спокој и радост, со најискрени желби за добро здравје и просперитет на секој од вас и вашите семејства, пишува претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката упатена до сите граѓани од муслиманска вероисповед по повод празникoт Рамазан бајрам.
„Ова време на предизвици, сиромаштија и заеднички проблеми можеме да го надминеме ако бидеме сплотени и ако покажеме дека со разбирање, соработка и толеранција можеме да ги надминеме сите препреки исто како што низ векови наназад сме го правеле. Македонија да ја градиме камен по камен, тула по тула, како свој дом и да ја заштитиме од пропаста кон која ја носи актуелната власт. Сите ние имаме одговорност да се грижиме за секој човек во тој дом да има просперитет и перспектива. Да ја градиме таа перспектива тука, да обезбедиме просперитет за нас и за нашите поколенија тука. Да бидеме солидарни еден со друг, но и посветени кон успехот, затоа што сечиј успех е предуслов за успех на Македонија. Честит празник, Рамазан Бајрам“, се наведува во честитката од Мицкоски.
