Четири лица загинати во поплавите во Шпанија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обилните врнежи предизвикаа катастрофални поплави во источна Шпанија, а бројот на загинати во регионот на Валенсија се искачи на четири лица. Локалните власти во понеделникот потврдија уште два смртни случаи, додека спасувачките служби продолжуваат со операциите во најпогодените подрачја.

Досега спасувачките екипи успеале да извлечат 450 лица од поплавените зони. Акциите се одвиваат во исклучително тешки услови поради високиот водостој и оштетената патна инфраструктура, кои го отежнуваат пристапот до загрозените населени места.

Бурата Адам донесе рекордни количества врнежи и предизвика сериозни поплави во регионот Леванте на Иберискиот Полуостров, како и на Балеарските Острови, објави шпанскиот национален сервис РТВЕ.

Според измерените податоци, во текот на понеделникот во јужниот дел на Валенсија и во северниот дел на Аликанте наврнале меѓу 600 и 700 литри дожд на квадратен метар, што предизвикало големи проблеми и сериозни последици на теренот.

Сите расположливи спасувачки екипи и служби за итни интервенции остануваат ангажирани во најтешко погодените области. Активностите се насочени кон санирање на штетите, пребарување на поплавените подрачја и пронаоѓање на евентуални други загрозени лица.