Мицкоски: Ако не ги промовираме семејните вредности, македонската економија прва ќе биде на удар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски смета дека намалувањето на наталитетот и потребата од странска работна сила се тесно поврзани со иднината на македонската економија. Тој порача дека државата треба посериозно да ги промовира семејните вредности и многудетните семејства, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, дека до 2030 година на земјава годишно ќе ѝ бидат потребни 50.000 странски работници за да го задржи сегашното ниво на БДП.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила, Мицкоски истакна дека последиците од демографските промени треба да се анализираат подлабоко.

Тој потсети дека и претходно зборувал за фертилитетот и за важноста на семејните политики, но дека тогаш бил критикуван поради таквите ставови.

„Јас кога зборував пред година и пол, две за семејни вредности, за фертилитет, тогаш ме направија дека сум заостанат, дека сум ретрограден, дека не знам што зборувам и што сè не изнапрочитав за себе, но за жал тој предизвик останува и понатаму“, рече Мицкоски.

Според него, проценката дека на Македонија ќе ѝ требаат 50.000 странски работници годишно можеби е и потценета, односно во иднина може да се појави потреба од уште поголем број работници за да се одржи економската активност.

Премиерот се осврна и на состојбите во Западна Европа, посочувајќи дека во дел од земјите се потребни стотици илјади, па и милиони работни дозволи за мигранти за да се одржи економското ниво и да се оствари благ раст на номиналниот бруто-домашен производ.

Мицкоски порача дека и покрај критиките ќе продолжи да ги поддржува политиките насочени кон семејните вредности и зголемувањето на наталитетот. Според него, целта е да се обезбеди иднина за државата, да се отвораат нови работни места за македонските граѓани и да се зголемува конкурентноста на домашната економија.