Четири лица го загубија животот во трагична сообраќајна несреќа што се случи синоќа околу 23:00 часот на скопската обиколница, кога камион управуван од 76-годишен возач изгубил контрола и се судрил со автомобил BMW во кој се наоѓале четири лица. Како последица на судирот, патничкото возило било зафатено од пламен и целосно изгорело. Возачот на камионот е приведен од полицијата, додека телата на жртвите се испратени на обдукција, а истрагата за причините за несреќата продолжува.
„76-годишниот возач ја изгубил контролата врз камионот и закочил во последен момент, а по пробивањето на заштитната ограда удрил во автомобил БМВ во кој се наоѓале четири лица.“, вели новинарот на ТВ21, Аднан Ќаили.
Синоќа околу 23 часот, на скопската обиколница, четири лица го загубија животот во трагична сообраќајна несреќа. Жртвите починале на местото на несреќата, додека возилото во кое се наоѓале било зафатено од пламен и целосно изгорело.
Меѓу загинатите се 51-годишниот Ристе Велков, баритон во Македонската опера и балет, неговиот 20-годишен син А.В., како и двајца негови другари – П.М. и М.Ѓ на возраст од 20 години.
Возачот на камионот, Б.Б. (76), кој управувал камион со косовски регистарски таблички, најверојатно ја изгубил контролата врз возилото и удрил во автомобилот БМВ. Од силината на ударот, двата автомобила биле зафатени од пожар.
Сè уште не се познати причините за избувнувањето на пожарот, а се истражува дали автомобилот бил на плин или пожарот настанал по удар во резервоарот за гориво на камионот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека возачот е приведен, додека по наредба на јавен обвинител, телата на жртвите се испратени на обдукција.
„Судирот предизвика пожар на двете возила, при што патничкото возило и кабината на камионот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Противпожарната бригада на Скопје. Исто така, по наредба на јавен обвинител, возачот Б.Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосното расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.“, вели Гоце Андреев, портпарол на МВР.
За време на увидот, од 23 часот до 5 часот утринава, сообраќајот бил пренасочен на патниот правец Тетово–Велес, преку клучките кај Визбегово и Мирковци. Сообраќајот е нормализиран во раните утрински часови, но камионот сè уште се наоѓа покрај автопатот и движењето кон Скопје се одвива само по една лента.
