Четврти ден трае потрагата по двегодишното девојче Данка Илиќ од околината на Бор, чие исчезнување беше пријавено во вторникот.
Две специјалистички спасувачки екипи од Одделението за вонредни состојби на МВР, синоќа пристигнале во Бањско поле и рано утринава започнаа детално пребарување на просторот околу куќата пред која исчезна девојчето.
Екипите се состојат од 18 пожарникари и спасувачи со 5 теренски возила, како и кучето Зиги кое помогна при барањето луѓе во урнатините во Турција.
Припадниците на Министерството во континуитет ги преземаат сите мерки и дејствија за пронаоѓање на исчезнатото девојче Данка Илиќ и утврдување на сите факти и околности за нејзиното исчезнување.
Инаку, во текот на вчерашниот ден камиони расчистувале дрвја во близина на куќата, а набргу потоа пристигнала и полицијата која го пребарувала просторот околу расчистените дрвја. Нема официјални информации за деталите од истрагата.
Во близина на Хаџиќ во Босна и Херцеговина се уапсени три лица кои тврделе дека имаат информации за исчезната Данка, за што барале пари, но полицијата соопштила дека „само се шегувале“.
Девојчето Данка Илиќ има кафена коса, кафени очи и е висока околу 85 сантиметри. Во моментот на исчезнувањето носела маслинесто зелена јакна, виолетови панталони, црни патики и косата врзана во опавче.
Поради овој случај, за прв пат во Србија беше пуштен во употреба системот FIND ME! кој е наменет за итно известување на јавноста во случај на исчезнување на малолетно лице.
