Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 порача дека борбата против корупцијата мора да биде заедничка одговорност на сите институции, но и на граѓаните, нагласувајќи дека е потребна промена на општествениот однос кон оваа појава.
„Според мене, двата извештаи се јасни и на некој начин се поклопуваат. Треба да ни бидат патоказ, не само за ДКСК, туку за сите државни органи“, изјави Чучуљ, алудирајќи на меѓународните оценки за состојбата со корупцијата во земјата.
Тој упати директен повик до граѓаните активно да се вклучат во спротивставувањето на корупцијата и да ги пријавуваат случаите со кои се соочуваат во секојдневието.
„Ги охрабрувам сите граѓани да пријавуваат корупција и да ѝ се спротивставуваат во секојдневниот живот. Ни стана мајндсет, начин на живеење, дека мора некоја работа да ја завршиме преку мито – ајде да го решам со ситно мито – за да завршиме наједноставна работа што службите треба да ни ја дадат согласно закон“, истакна Чучуљ.
Според него, токму толеранцијата кон т.н. „ситна корупција“ создава амбиент во кој незаконските практики стануваат нормализирани.
„Сите чинители треба да станеме дел од борбата против корупцијата. Само така можеме да ги подобриме оценките и да одиме напред кон европските стандарди“, нагласи претседателот на ДКСК, додавајќи дека Комисијата останува отворена за директни пријави од граѓаните.
