Чучуљ: Со информатичка анализа ќе се селектираат 10 најризични случаи за проверка на имотот на функционерите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 најави дека институцијата подготвува селекција на десет најризични случаи за понатамошна анализа, врз основа на податоците за приходите и имотната состојба на избрани и именувани лица и членовите на нивните семејства.

Чучуљ посочи дека иако софтверското решение за автоматска обработка и селекција на податоците сè уште не е целосно функционално, Комисијата веќе презела чекори за екстракција и обработка на расположливите информации.

„Приходите кои ги имаат тие лица и членовите на нивните семејства се предмет на анализа. Од причина што решението целосно не е функционално, водиме поинаков пристап – екстрактирани се сите податоци, комплетни податоци што ги имаме во базата за овие категории лица. Со одредена информатичка анализа ќе се направи селекција и ќе бидат избрани 10 лица“, изјави Чучуљ на ТВ21.

На прашање од модераторот колку наскоро може да се очекува оваа селекција, со оглед дека софтверот сè уште не е целосно во функција, претседателот на ДКСК појасни дека и покрај тоа, техничката обработка на податоците е веќе во тек.

„Не е во функција целосно, но од самиот софтвер ги спуштивме податоците во табели, односно ги обработивме информатички. Со дополнителна анализа ќе се извлечат податоците за најризичните случаи, односно таму каде што ќе се покаже можност за несразмерно зголемен имот“, нагласи Чучуљ.

Од ДКСК очекуваат дека ваквиот пристап ќе овозможи поефикасно таргетирање на потенцијални случаи на несразмер помеѓу пријавените приходи и стекнатиот имот, сè до целосно ставање во функција на софтверското решение за автоматизирана проверка.