„Битолскиот конгрес“, „Призренска лига“, „Правописен конгрес“, „Студентска улица“, „Линдита Ахмети“, „Ибрахим Ругова“, „Ахмет Зогу“, „Улицата на Микел“, „Улица Шарена Џамија“, „Антон Сантори“, „Антон Зако Чајупи“, „Али Паша Тепелена“.
Ова се само дел од имињата што граѓаните ги предложија за именување на улиците во Тетово. На третата јавна дебата организирана за работата за именување на улици, претседателот на комисијата, Арѓенд Велиу, посочи дека е донесена одлука да се користат само имињата на личности кои веќе починале.

„Првиот критериум што го дефиниравме како работна група е името на предложеното лице да биде починат. Вториот критериум е релевантноста или придонесот што личноста го дала во општествените области, а третиот е оправденоста на предложеното име. Ако се базираме на првиот критериум, веруваме дека бројот на предлозите ќе се преполови, бидејќи има многу предлози од личности кои се уште се живи“, вели Арѓенд Велиу.
Меѓу најкритичните за предложените имиња беше професорот Сулејман Мехази. Неговото барање е да се користат имињата на личности кои придонеле за Тетово, а не на личности кои се уште се живи.

„Не е логично да се земаат странски имиња. Треба да ги користиме имињата на тие кои навистина придонеле за Тетово. На личности кои не се живи, бидејќи ако се уште се живи, а би можеле да се сменат и да излезат предавници, ќе им ги смениме имињата тогаш? Затоа, логично е да се стават имињата на луѓе кои починале, дале извонреден придонес, се бореле против комунистичкиот режим, биле затвореници, дале интелектуален придонес, има лекари, имами, има луѓе кои се бореле за овој град“, вели Сулејман Мехази.
Агон Мемети, наследник на д-р Џафер Сулејмани, беше предлагач на името на докторот. Тој ја поддржува идејата за именување улици по личности од Тетово за подобро препознавање на историјата на градот.

„Го предложивме името на лекарот Џафер Сулејмани кој беше првиот дипломиран лекар во Тетово и беше првиот Албанец градоначалник на Тетово, беше основач на две претпријатија – Трговска банка, подоцна основаше и акционерско друштво, ја изгради првата хидроцентрала во јужна Југославија во 1927 година, што денеска се наоѓа на патото кон бањата. Се поттикна дебата за спомнување на странските градови и странски имиња и тоа беше оправдено. Како народ сме во друга фаза на развојот и треба да им се даде предност на локалните имиња повеќе, за подорбо препознавање на градот, со што ќе влијае врз нашата совест и гордост на тетовци“, вели Агон Мемети.
Комисијата за имињата на улиците ќе се сретне повторно за да се изберат имињата според поставените критериуми. Очекувањата се до крај да останат околу 300 имиња до 350 имиња. Инаку во Тетово се регистрирани вкупно 297 улици, од кои 216 се без број и име, а 80 други имаат потреба од промена на името бидејќи се смета дека немаат допирна точна со мултиетничката реалност во земјата.
