„Да му се одземе лиценцата“ – предлог на лекарската комора за Тик-Ток анестезиологот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лекарската Комора предлага на Тик-Ток анестезиологот, Валтон Дервиши да му се одземе лиценцата за работа 7 години. Што се однесува до можноста за трајно одземање на лиценцата, од ЛК објаснуваат дека таква одлука може да донесе само судот.

Во видео-скандалот се гледа анестезиологот Валтон Дервиши кој во живо ги покажува бремените жени, а присутни се и негови колеги. Значи колегите на Дервиши виделе дека тој снима видео но не реагирале дека се загрозува приватноста на трудниците во одделението за гинекологија во Тетово.

ТВ21 достави прашање до  ОЈО дали ќе се бара одговорност од некој од колегите на Дервиши поради не пријавување на неетичко и нестручно однесување на колегата? Од ОЈО велат дека истрагата уште трае и дека како сведоци се повикани и вработени од болницата но и пациенти.

„Во оваа фаза на постапката, Основното јавно обвинителство Тетово интензивно постапува за обезбедување докази, при што се вршат распити на сите лица кои би можеле да имаат некакви сознанија. Детали од исказите на повиканите лица не сме во можност да споделиме со јавноста. Доколку во текот на постапката се обезбедат докази за инволвираност на други лица во сторувањето на кривичните дела, обвинителството ќе постапи согласно своите законски надлежности“, велат од ОЈО.

Инаку, загрозувањето на приватноста е казниво дело според членот 3, точка 4 на Законот за заштита на пациентите, како и прикривање на делото, нешто што според Кривичниот Законик се казнува со до 1 година затвор.

На 14 април анестезиологот од тетовската болница, емитуваше во живо на социјалната мрежа Тик – Ток од оделот за гинекологија и тоа за време кога во салата имаш пациенти. По споделувањето на видеото и прилогот на ТВ21, директорот на болницата случајот го пријавил во полиција, по што анестезиологот бил приведен и на предлог на обвинителот, судија на претходна постапка му определил 8 дена притвор.