Не треба да се очекува дека Македонија би можела да ги почне преговорите на Советот на Европската унија на 22 јуни бидејќи Бугарија која сега има техничка влада нема промени во позициите. Ова се истакнува во дебатата на магазин Клик плус на ТВ21 кој ќе се емитува вечерва, а во која учествуваат бугарскиот водител Бојко Василев и европратеникот и известувач за Македонија Илхан Ќучук.
„Ако гледаме на тоа како статичен феномен, односно бараме одреден датум кога Гордиевиот јазол би се разврзал, тогаш веројатно нема да најдеме датум, колку и да се обидуваме да го најдеме. За мене големиот разговор е како може да се создаде позитивна политичка атмосфера меѓу двете страни заснована на убедување дека ќе треба да одиме по патот на Европската унија заедно“, рече Илхан Ќучук Европратеник.
Конкретно дека Македонија не треба да очекува промена на бугарскиот став, порача бугарскиот новинар и водител Бојко Василев.
„Во Бугарија, како што знаете има избори на 11 јули, второ во Бугарија има техничка влада и тоа не може да ја смени бугарската позиција декларирана во 2019 од бугарскиот парламент со огромен консензус. Освен се друго, претстојат и претседателските избори во октомври и ноември, така што не гледам кој би ризикувал да се направи пробив и да се реши тоа прашање“, посочи Бојко Василев, Водител-новинар.
Но токму министерот за надворешни работи Бујар Османи постојано тврди дека и покрај тоа што Бугарија има техничка влада, можно е да се водат разговори и дека има доволно време да се постигне решение пред одржувањето на Советот во јуни. Османи вчера во Клик плус рече дека се согласува со тоа што го рече бугарскиот претседател Румен Радев дека патот кон Европската унија е преку Бугарија.
„Така е. Вистина е. Одлуката се носи со консензус. Без одобрување на Бугарија не може да има одлука. Ние можеме само да сонуваме дека оваа одлука ќе биде донесена без одобрувањето на Бугарија. Тоа не може да се случи и затоа се залагаме да ги убедиме пријателите од бугарската страна дека Договорот кој го изградивме има добра основа за градење на нашите односи и за надминување на разликите. Тие имаат потреба од дополнителна гаранција дека ние нема да бегаме од договорот“, посочи Бујар Османи.
Утре и задутре македонскиот и бугарскиот претседател Стево Пендаровски и Румен Радев одат во Рим на заедничко чествување на светите Кирил и Методиј. Од оваа средба се очекува двајцата претседателите да имаат разговори и за отворените прашања на Бугарија и Македонија.
