Град Скопје воведува систем на целосна контрола и мониторинг на службените возила со цел намалување на непотребните трошоци, спречување злоупотреби и поефикасно управување со јавните средства, информираа од Градот.
„Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS уреди и се следат преку современ мониторинг центар. Системот овозможува во реално време да се следи локацијата на возилата, нивната маршрута и брзина, времето поминато во движење, како и потрошувачката на гориво“, се вели во соопштението.
Дополнително, како што информираат градските служби, со специјални сонди се следи и нивото на горивото, со што се овозможува навремено откривање на нелогични трошоци и подобра контрола врз користењето на службените возила.
„Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување. Градскиот буџет е сопственост на граѓаните и со него мора да се управува домаќински, одговорно и транспарентно“, велат од Град Скопје.
Според Град Скопје, ЈСП Скопје во првите шест месеци бележи заштеда од околу половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 возила, во споредба со првите шест месеци од истиот период минатата година. Посочуваат дека овие мерки веќе даваат резултати и се само еден дел од мерките насочени кон рационално користење на јавните средства.
Градските власти потсетија дека градоначалникот користи сопствено возило и горивото го плаќа од сопствени средства, додека службеното возило кое во минатото го користеле градоначалниците е ставено на располагање за потребите на Град Скопје.
„Секој денар што ќе се заштеди од непотребно трошење да биде насочен кон подобрување на услугите и условите за живот на скопјани: улици, паркови, јавен превоз, училишта, култура и други приоритети“, се вели во соопштението на Град Скопје.
