Препукувања за Гостивар: ВМРО-ДПМНЕ бара Обвинителството да отвори случај за Филипче кога бил министер, СДСМ го бара целосниот извештај за водата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не обвинувањата помеѓу власта и опозицијата за загадувањето на водата во Гостивар.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство по допрен глас да отвори предмет и да го истражи непостапувањето на Венко Филипче додека бил министер за здравство, во врска со анализите за квалитетот на водата, како во Гостивар, така и низ државата.

„Документите и информациите доставени од свиркачи укажуваат дека биле направени околу 400 анализи за квалитетот на водата, кои ја покажале неисправна за пиење. Токму затоа, се поставува прашањето дали и зошто надлежните институции, предводени од тогашната власт на СДС, не презеле соодветни мерки“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, граѓаните имаат право да знаат зошто не биле навремено информирани доколку водата не била безбедна, зошто проблемот со години не бил решаван и дали Филипче бил запознаен со извештаите, а сепак не постапил.

„Затоа бараме Јавното обвинителство да ги провери сите анализи и документи, да утврди кој знаел и кој не постапувал и, доколку постои одговорност, таа да биде санкционирана. Никој не смее да биде заштитен поради политичка припадност или функција“, велат од владејачката партија.

Од друга страна, од опозициската СДСМ велат дека бараат, а Владата одбива да објави официјален и целосен извештај за квалитетот и безбедноста на водата во Гостивар.

“Каде е целиот извештај за водата во Гостивар? Клековски објави само четвртина. Делче само. За останатото, граѓаните ги упати кај ЦУК, кај АХВ и кај „Комуналец“. Ако сакате да знаете што сте пиеле – шетајте од институција до институција и соберете си го досието сами. По 22 дена загадена вода и околу 5.000 заболени, граѓаните не бараат парче од извештај. Бараат еден, целосен документ.Сите мостри. Сите лабораториски анализи. Сите датуми. Сите утврдени бактерии и вредности. Сите институции што вршеле испитувања“, се вели во соопштението на СДСМ.

Оттаму сметаат дека најважното прашање е кој, врз основа на кои резултати и со чиј потпис утврдил дека водата е безбедна за пиење.

“Не четвртина кај Министерството. Не остаток кај „Комуналец“. Не парче кај АХВ. Не алиби кај ЦУК. Ако извештајот е целосен, зошто граѓаните мора да го бараат по делови? Ако фактите се јасни, зошто податоците се расфрлани по институции Ако нема што да се крие, зошто граѓанинот треба да стане курир меѓу институциите на истата власт?“, прашуваат од опозицијата.

Од СДСМ додаваат дека водата за пиење е прашање на јавно здравје. Според нив, информациите за нејзината безбедност не се сопственост на едно претпријатие или архива што граѓаните треба да ја бараат на шалтери.

„Тие мора да бидат јавно објавени. На едно место. Во еден целосен извештај. Со сите резултати и со потпис на одговорните. СДСМ бара веднаш да биде објавен целиот извештај за водата во Гостивар. Не четвртина извештај. Не четири адреси. Не нови изговори. Објавете го целиот извештај“, се вели во соопштението на опозициската партија.

Инаку, според податоците што ги објави завчера Министерството за здравство, речиси секој втор примерок вода за пиење анализиран во гостиварскиот регион оваа година се покажал како неисправен. Податоците на Центарот за јавно здравје од подрачната едница во Гостивар покажаа дека, од 317 примероци анализирани во периодот од 1 јануари до 12 август оваа година, 159 се оценети како неисправни, додека 158 како исправни.

Во однос објавувањето на податоците за испитувањата на водата во Гостиварско, министерот за здравство, Сашо Клековски изјави дека тоа што е направено по барање на ЦУК, АХВ и јавно комоунлано претпријатие е сопственост на тие институции. „И ќе замолам тие резултатите да ги барате од нив, нема ниедна причина – транспарентноста и јавноста е тука, одлуките што се носени се водени исклучиво врз факти, дополнително ИЈЗ издаде препораки до ЈП Комуналец – Гостивар“, изјави завчера министерот Клековски.