Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја носи Турција кон „опасни авантури во Сирија“, изјави израелскиот министер за одбрана Израел Кац, по нападот врз сириската воздушна база на почетокот на оваа недела.
Израел во вторникот ја нападна воздушната база Абу ал-Духур во Сирија, предупредувајќи дека Сирија е пред прекршување на „договорениот статус кво со Израел во однос на безбедносните прашања“, со што би се овозможило распоредување турски сили во воздушната база. Кац во објава на X изјави дека неговата земја нема да „дозволи ниту еден субјект да ја загрози нејзината безбедност“.
Од друга страна, сирискиот министер за надворешни работи, Асад ал-Шаибани, изјави дека на Израел му било јасно ставено до знаење дека нема планови за воспоставување турска воена база и дека објектот се обновува за да го користат сириските воздухопловни сили. „Немаше никаква намера таму да се создаде турска база, ниту да се воспостави трајно турско воено присуство или да се распоредат турски сили во тој објект“, изјави ал-Шаибани во интервју за „Аксиос“ во средата.
Нападите во вторникот уследија по зголемувањето на безбедносните тензии меѓу Израел и Турција, како и сè поострата реторика меѓу двете земји во врска со Сирија, каде што се активни армиите на двете земји.
Турција во средата ги отфрли како „неосновани обвинувања“ тврдењата на Израел во врска со нејзиното воено присуство во Сирија, откако Израел соопшти дека Сирија била пред да дозволи распоредување турски сили таму.
Турција, која ја има втората најголема армија во НАТО и се претвори во еден од главните сојузници на сирискиот претседател Ахмед ал-Шараа, го обвинува Израел дека се обидува да ја дестабилизира Сирија и да ја поткопа нејзината нова администрација. Официјална Анкара постојано повикува на меѓународен притисок и мерки против Израел, со цел тој да го почитува територијалниот интегритет на Сирија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, изјави дека Израел ја предупредил Сирија пред нападот да не дозволи турско присуство во базата. „Нашата порака беше многу јасна. Не го правете тоа. Очигледно, тие не ја разбрале целосно пораката“, изјави Нетанјаху во средата.
Сирискиот министер за надворешни работи ал-Шаибани, пак, изјави дека Израел нема никакво легитимно оправдување за бомбардирањето. Тој додаде дека турски воени офицери ја посетиле базата во рамките на обука и поширока воена соработка.
