„Да нема технички премиер од ДУИ“ – ВМРО-ДПМНЕ со предлог до СДСМ да се смени законот за Влада

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Да нема техничка Влада само со цел да нема технички премиер од ДУИ, ова е најновиот предлог на ВМРО-ДПМНЕ со кој ќе настапи на договорите на работната група за претстојните избори. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски дури вели и дека е подготвен да се донесат измените на Законот за Влада и во иднина да нема техничка Влада 100 дена пред изборите.  Тоа го повторија и од партијата од каде велат дека се подготвени да се откажат од техничка Влада не само затоа што таквата Влада е неефикасна, туку и за тоа ДУИ да нема технички премиер. Сепак не одговорија дали доколку биде одбиен овој нивен предлог ќе дадат кадри за техничката влада.

„ВМРО-ДПМНЕ како најодговорна политичка партија кон граѓаните и државата е спремна да се откаже од техничка влада, само ДУИ, дувлото на криминалот да нема технички премиер. ДУИ со месеци е во епицентарот на сите криминални скандали кои ја тресат Македонија. Партија во која не останаа неискомпромитиран и некриминализиран кадар не може да го даде техничкиот премиер на државата“, вели Миле Лефков.

Од СДСМ без одговор дали ќе го прифатат овој предлог на опозициската партија. Оттаму велат дека деновиве ќе се разговара за договорот околу одржувањето на изборите, а воедно се повика и на вчерашната изјава на премиерот Ковачевски кој рече дека таа обврска произлегува од Законот за Влада.

„Формирани се работни групи кои што интензивно наредниот период ќе разговараат за сите оние процеси кои што се потребни за нормално одвивање на изборниот процес. Премиерот Ковачевски вчера најави во многу скоро и средба во Собранието со сите претставници на политичките партии односно нивните претседатели, така што мислам дека сите овие детали ќе се договорат во следниот период“, додава Лидија Тасева.

Но наспроти ваквите калкулации во ДУИ остануваат на ставот дека технички премиер ќе биде од нивната партија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи за ТВ21 изјави дека веќе почнале да размислуваат за имиња.

„Верувам дека до почетокот на декември, и потоа, ќе потврдиме, бидејќи, да потсетам, се ближат неделите кога треба да се достави предлогот. Не можам да зборувам за имиња, но дека има имиња, има. Раководството ќе предложи повеќе имиња секако, верувам дека ќе бидат од партијата, но ќе видиме каква ќе биде дебатата во партијата“, вели Бујар Османи.

Неофицијално меѓу СДСМ и ДУИ постојат разговори околу претстојните избори во кои една група од СДСМ дале три предлози. На изборите да одат со заеднички листи како и претседателски кандидат, а интегративците да се откажат од идејата за технички премиер, односно да нема премиер Албанец во последните 100 дена пред изборите.