Новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ имаше успешна светска премиера во натпреварувачката програма на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио.
„Публиката дишеше со филмот. Се радувам што вака убаво го пуштивме во свет“, изјави Манчевски по проекцијата.
Режисерот и главните актери Сара Климоска и Филип Трајковиќ разговараа со публиката, која ги пофали необичната приказна, глумата и емотивното доживување на филмот. По проекцијата, фановите формираа долга редица и цел час чекаа за автограми и фотографии. Некои донеле и постери и ДВД-изданија од претходните филмови на Манчевски, „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“.
„Пресреќен сум што ликот на Виктор првпат си го покажа лицето токму во Токио и тукашната публика прва се запозна со него“, изјави Филип Трајковиќ. Сара Климоска, пак, за својот лик рече: „Малина ми е многу, многу блиска. Преку неа истражив многу човечки искуства, емоции и противречности. Ме збогати“.
Филмот ќе има дополнителни проекции на 2 и 3 ноември. Манчевски и дел од екипата присуствуваа и на свеченото отворање на фестивалот, каде што продефилираа на црвениот килим.
За филмот пишуваше и „Холивуд репортер“, посочувајќи го несекојдневниот начин на кој Манчевски се фотографирал со шахтата – реквизит од филмот – за да се заштити од дождот. Објаснувајќи го нејзиното значење, режисерот изјави: „Шахтите кои ги крадат нашите херои во филмот ја кријат нечистотијата на општеството и го одвојуваат финиот свет од подземјето“.
„Сестра, брат и шахта“ е деветтиот долгометражен игран филм на Манчевски. Станува збор за комедија и сатира за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството, снимена во Македонија со меѓународна екипа.
