Да немаш никакви права во својата земја! Стотици граѓани без државјанство, Спасовски вели се работи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Веќе 37 години живее во Македонија, но никогаш не добила можност да се почувствува како државјанка на земјава. Фатмире Вила била лишена од ова право, откако на нејзиниот сопруг му било одземено државјанството кога Македонија прогласила независност од Југославија.

-Му велеа – оди извади пасош за странци, бидејќи си се преселил. Затоа. Тој се пресели за да работи во време на Југославија. Но, на крајот му рекоа – не, ти си се преселил, и повеќе не му дадоа-рече Фатмире Вила.

Да живееш сите овие години без државјанство, воопшто не е лесно, раскажува Фатмире.

-Многу тешко. Немам право на ништо. Немам право да влезам во ниту еден објект. Условите се катастрофални. Без работа, без социјална помош, без здравство, без ништо. Навистина многу тешко…-вели Вила.

Судбината на Фатмире ја делат уште стотици други во Северна Македонија. Пратеникот од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Скендер Реџепи, синоќа во „Клик Плус“, рече дека има над 60 илјади Албанци без државјанство. Тој дури раскажа и случај за негова колешка.

-Не е човечки, нашата пратеничка која доаѓа од Куманово и која е сестра на 7 или 8 деца… нејзината мајка има 51 година, а не ужива право на поседување државјанство во оваа земја-рече Реџепи.

Реџепи бара измени на Законот за државјанство.

-Да бевме дел од Владата во рок од 100 дена ќе инициравме измена на овој закон. Да го направи тоа Владата, ние ќе гласаме без никаков услов-вели Реџепи.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тврди дека има тим кој се занимава со оваа проблематика, кој анализира за колку луѓе станува збор, кои се условите и што треба да се измени во законот, со цел полесно да добијат државјанство.

Спасовски објасни дека има две категории граѓани кои не можат да добијат државјанство. Во првата спаѓаат оние лица кои не ги почитуваат процедурите, главно повозрасни луѓе кои по независноста на земјата не побарале да преминат во државјанство на Македонија. Втората категорија се состои од т.н. „фантоми“, кои како што рече Спасовски, не се евидентирани никаде во државата. Како што тврди, досега се регистрирани околу 800 вакви случаи.