„Да се укинат субвенциите за малите хидроцентрали“ – Еко-свест: Ја уништуваат околината и заштитените подрачја

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над 130 мали хидроцентрали се изградени или се градат на реките низ земјава. Планирана е изградба на уште 50 други, велат од еколошкото здружение Еко-свест, според кои, повеќето хидроцентрали се изградени на некои од најживописните падини, во заштитени и важни подрачја како Пелистер, Маврово, Шар Планина, Караџица, Кожуф, Малешевијата и многу други. Додаваат дека малите хидроцентрали се градат тајно, без јавна дебата и без потребните студии за влијанието на средината.

„Сите постоечки мали хидроцентрали заедно произведуваат само 4% од годишното производство на електрична енергија во земјава, во период од годината кога истата не е најпотребна за домаќинствата. Истата количина електрична енергија може да се заштеди со подобра енергетска ефикасност, без уништување на реките и природата“, велат од Еко-свест.

Тие велат дека струјата што ја произведуваат малите хидроцентрали се купува по тарифи што на компаниите им гарантира добар и безбеден профит.

„Секое семејство во државата месечно плаќа по 6% од месечната сметка за струја за субвенционирање на производството на електрична енергија од обновливи извори. Секоја година ние граѓаните плаќаме по 16 милиони евра за електрична енергија произведена од малите хидроцентрали. Сакаме овој буџет да се искористи за стимулирање на производството на електрична енергија од одржливи извори како што се сонцето и ветерот, а не од извори кои ги уништуваат нашите реки!“, додаваат од Еко-свест.

Ова еколошко здружение преку онлајн петиција против изградба и субвенционирање на мали хидроцентрали побара од Владата да ги стопира субвенциите за истите. На оваа петиција се приклучија 4423 лица, од 5000 потребни за да биде целосна и валидна петиција.