Дали бројот на личната карта ја одредува етничката припадност? – МВР: нема никаква врска со етничката припадност на граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Говорејќи за Законот за правична и соодветна застапеност, пратеничката од ВЛЕН, Мимоза Муса во „Click Plus“, изјави дека серискиот број на личните карти ја одредува етничката припадност на граѓаните. Бидејќи не слушнал претходно за ова, пратеникот од ДУИ Илир Хасани ја извади личната карта од џеб за да го провери тоа.

„На личната карта е очигледно и начинот на аплицирање, постои формулар што се пополнува на два јазика, Албанците сите ги имаат личните карти на два јазика. Во серискиот број на личната карта може да се идентификува дали станува збор за Албанец, Македонец или други. Слободно можете да ги проверите сите лични карти! “, вели Мимоза Муса.

„Никогаш не сум го знаел ова!

Г-дин Хасани ја извади личната карта за да види на која националност припаѓа.

„Испаѓа дека почнува со ‘Н’! Значи, кај Албанците почнува со ‘Н’, кај Македонците со ‘М’, кај Турците со ‘Џ’, кај Ромите со ‘Р’ и така натаму.“

Проверивме неколку лични карти и забележавме дека граѓаните од македонска етничка припадност имаат различен почетен знак од Албанците.

Го прашавме и Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека сериските броеви на личните карти не ја одредуваат етничката припадност на граѓаните.

„Во врска со вашето прашање околу изгледот на личните карти, односно сериските броеви на истите, ве информираме дека сериските броеви и почетните букви на нив не се поврзани со определување на етничка припадност на граѓаните“, велат од МВР.

Иако никогаш не била реализирана, во минатото се дискутирало од страна на албански политички претставници за воведување етничка графа во личните карти, со цел избегнување манипулации при вработувања по етничка основа според тогашната методологија на балансерот. Дали ова прашање ќе се реши преку новиот Закон за правична и соодветна застапеност, останува да се види откако тој ќе биде официјално објавен. Засега законот поминал во Владата и се очекува наскоро да стигне во Собранието пред пратениците.