Светскиот фудбал и натаму е во шок по случувањата на вчерашниот меч во Копенхаген меѓу Данска и Финска, кога данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен неочекувано падна на теренот во 43. минута.
Откриено е дека тој никогаш немал проблеми со срцето, а што навистина се случило, ќе покажат анализите.
„Дејли Мејл“ пишува дека во изминатите 11 години откако се занимава со професионален фудбал, Ериксен секогаш без проблем ги минувал медицинските тестирања.
Докторот Сем Мохидин за Би-Би-Си кажа веројатно сценарио на случувањата на теренот.
„Се чини дека имал успешна реанимација и дека го повратил нормалниот срцев ритам поради дефибрилацијата, но постојат и други работи низ кои ќе мора да помине. Идниот ризик на лицето зависи донекаде од прецизната причина за срцевиот застој“, изјави Мохидин.
Од друга страна познатиот професор за спортска кардиологија и доктор Санџај Шарма, открива дали Ериксен ќе може да продолжи да игра фудбал.
„Не знам дали ќе може да игра повторно. Без премногу ублажувања, тој беше мртов. Иако на неколку минути, но беше мртов и прашање е дали спортските професионалци би го пуштиле „повторно да умре“? Одговорот е не. Во Велика Британија не би играл. Ние сме многу ригорозни околу тоа“, изјави Шарма.
