Дали и кој вршел притисок врз историчарите? – МНР и Владата негираат, Ѓорѓиев ја напушта македонско-бугарската комисија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Историчарот Ванчо Ѓорѓиев поднесе оставка од мешовитата македонско-бугарска комисија, а во соопштение ги објасни причините за таквата одлука.

„Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден  (21.10.2021 година) на  xv. Редовна средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР“, истакна Ванчо Ѓорѓиев.

Тој додава дека поради такво „двојно водство“ на македонскиот дел од Комисијата не бил почитуван принципот на консензуално носење на одлуки.

„Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од комисијата за препораки за учебниците за vii одделение за македонските учебници, се без моја согласност“, додава Ванчо Ѓорѓиев .

Македонскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија објави реакција во врска со денешната оставка.

„Не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии“, велат членовите.

Од Влада негираат дека се мешале или дека имале било какво влијание во работата на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

„Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало било какво влијание на одлуката на професорот Ванчо Георгиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција“, велат од Владата.

Реагираа и од министерството за надворешни работи. Бујар Османи вели дека МНР е во координацијата во процесот на разговори кон Бугарија. Во однос на мешовитата историска комисија, членовите имаат договор со ресорното министерство, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи за средбата меѓу двете историски комисии од Македонија и Бугарија.

„Ќе го разгледаме последниот случај бидејќи сепак се случи пред половина час и ги немам сите информации меѓутоа најважно е комисијата да продолжи и логистички да го поддржи тој процес, МНР ниту се мешало ниту планира да се меша во содржината од одлуките што ги носат историчарите, но дека ќе поттикне. И разочаран сум дека не прифатија да одржат средба со физичко присуство, туку онлајн средба, да сум разочаран и јас планирам да преземам мерки во овој дел“, посочи Бујар Османи.

Овие два дена комисијата повторно заседаваше по пауза од четири месеци, а тема на дневен ред е Цар Самуил. Инаку за помалку од една година ова ќе биде втора смена во составот на македонскиот тим на Комисијата, откако во јануари на професорот Александар Литовски не му беше продолжен договорот во Комисијата и на негово место беше именуван професорот Исамедин Азизи од Институтот за национална историја.